Младински ангажман за глобално дејствување

По повод Меѓународниот ден на младите 12 август кој што оваа година се одбележува под слоганот “Младински ангажман за глобално дејствување” повторно го отвораме прашањето колку се активни и ангажирани младите од руралните средини во процесите на донесување на одлуки на локално ниво започнувајќи од месната заедница како основна клетка на делување во заедницата па нагоре. Дали младите од руралните средини ги имаат истите предиспозиции, истите предзнаења, истите можности за да се вклучат во процесите на донесување на одлуки на локално ниво? Имено, последното истражување кое што го спроведе Рурална Коалиција во рамките на проектот “Преку медиумска писменост до подобрени локални младински политики” покажува дека ако во урбаните општини ги има Локалните младински совети истите не се застапени во руралните средини или пак ако во урбаните општини младите се запознаени со алатките за учество во процесите на донесување на одлуки на локално ниво, тоа не е така во руралните средини и општини, а за стратегија за млади не може да стане ниту збор. Она што е заедничко за сите млади е дека многу ретко се јавуваат како носители на иницијативи или акции и многу ретко соработуваат со локалните медиуми и новинари од најразлични причини, а најчестата причина во руралните општини е дека истите таму и ги нема. Ваквите показатели само го надополнуваат фактот дека сме сеуште далеку од рамномерен регионален развој, но и од препознатлив младински активизам особено во руралните средини каде што младите ги има се помалку и помалку. Ова само покажува дека е повеќе и од потребно да се превземат активности од и за самите млади како би се задржале во своите места на живеење, но и би дале придонес најпрво за унапредување на квалитетот на живот во локалната заедница кое што пак дејствување на локално ниво понатаму ќе се пренесе и на национално, па и на глобално ниво. Целосниот извештај наскоро ќе биде достапен за споделување. Дополнително според Министерството за земјoделство досега има 24.423 регистрирани млади носители на семејни земјоделски стопанства кои што ја препознале вредноста на производството на храна и руралниот развој, а со нивно вклучување во процесите на донесување на одлуки ќе се создаде и овозможувачка околина за нивен придонес кон севкупниот економски и социјален развој на локалната заедница. Проектот “Преку медиумска писменост до подобрени локални младински политики” е финансиран како под-грант во рамките на Проектот за младинско изразување, поддржан од #ЕУ а се спроведува од Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEF во соработка со Младински Сојуз – Крушево и Центарот за балканска соработка – ЉОЈА.