„Ковид 19 и гласот на жената од руралната средина“

Коронавирусот дополнително го отежна животот на жените од руралните средини. Ниту бројните  секојдневни обврски на село, во домаќинството,  грижата за децата, не успеаја да им ги оттргнат мислите на жените од руралните средини од вирусот и  последиците кои ги предизвика. Покрај стравот да не се заразат, да не се разболат нивните блиски, децата, жените од селата се соочуваат со страв и неизвесност за приходите кои се намалуваат во сите гранки, вклучително и во аграрот.

Во овој момент стравот од заразата полека исчезнува, но  не и разочараноста, велат нашите соговорнички од кумановските села Пчиња и Умин Дол.

Тие првин следеле буквално сѐ на медиумите, потоа, вестите ги следеле на неколку дена, за да можат да се соземат како што велат, психичкиот притисок кој го чуствувале.

Жељка Диклиќ Илиевска од Пчиња вели дека стравот го надминала изолирајќи се од следење медиуми, а се разочарала затоа што никој не го спомнал селото. Сите активности, затварње градинки, училишта биле насочени кон урбаните средини, додека за жените од руралните средини немало ниту една насока, иако и тие имаат деца на училишна возраст.

-Си мислев дали некој ќе прозбори за родителите во село, за мајката, жената, бабата од село, ало, има ли некој овде или кои сме воопшто ние, небитна карика, која рмба по поле, се бори и трпи,  а всушност кој  ви даде за право да не врзувате со мотика? Далеку од тоа дека таа алатка ме навредува ама навистина некоректен е односот кон нас селските жени, не работиме ние само со мотики и не сме ние паразитска компонента во ова општество, напротив ние сме заборавена категорија, која се нашла на погрешно место нели?- прашува Жељка, осврнувајќи се и кон нас зошто инсистираме на фотографија од работа во поле, пластеник.

Драгана Петковиќ од Умин Дол вели дека на почетокот од ширењето на вирусот била престрашена, но сега веќе го надминала, затоа што ја чекаат безброј обврски, вклучително и работа на нива за која како и поголемиот дел од жените од руралните средини не добива надокнада.

-Се плашев, сега веќе не, читав различни вести, најмногу на социјални мрежи, во еден момент не знаев во што да верувам имаше толку различни информации. Сега повеќе ме е страв од она што ќе биде како последици од вирусот, дали ќе осиромашиме -вели Петковиќ.

Оливера Кузевска од Пчиња пак вели дека она што го читала во медиумите, социјалните мрежи делувало пострашно од она што вистински е короната. Таа смета дека се можело многу подобро да се организира, особено за жителите од руралните средини.

Тешко е да се балансира домаќинството и обврските на жените кои работат во нива, се грижат за децата, семејството, а уште потешко е сега во состојба кога вирусот демнее, кога стравот е присутен, кога гледате како се разболуваат луѓе, кога ја губат битката, велат нашите соговорнички, жени кои доаѓаат од различни села од кумановскиот регион. Градот беше најпогоден и се уште е на врвот на листата по бројот на заболени и бројот на починати лица.

Се обидовме да најдеме и соговорничка од Липково, соседна општина која исто така е погодена од Ковид 19, особено во последниов месец, сепак  безуспешно. Дел од соговорничките не сакаа да зборуваат бидејќи се срамат, другите мора да ги консултираат сопрузите, а потоа се откажаа.

Деновите почнуваат навидум секојдневно во трка да се постигнат сите предвидени обврски на село. Тешко е да се отиде и до градот, да се снабдат со намирници, лекарства. Во Куманово, првин беше редуциран јавниот градски превоз, а потоа и целосно беше сопрен со одлука на Владата како мерка за превенција од ширење на коронавирусот. Ова дополнително го отежнуваше животот на село. Нашите соговорнички велат дека ова е нивен круцијален проблем.

-Во еден период, кога полицискиот час беше до 14 часот воопшто не можевме да ги завршиме тековните обврски, да отидеме до градот, да пазариме. Едноставно, немаше време -вели Петковиќ.

Кузевска смета дека се можело подобро да се организира, со помош од општината, со по една линија наутро и навечер. Жељка го нагласува проблемот со немањето јавен превоз, алудирајќи и на фактот што голем број жени на село ниту имаат возачка дозвола, ниту пак имаат автомобил и чекаат некој од машките членови на семејството да ги превезе во градот.

Онлајн наставата била дополнително оптоварување за жените од село. Често знае да снема конекција, велат жените. Петковиќ вели дека синот, инаку средношколец сам си ги завршувал обврските. Синовите на Кузевска, едниот студент и неодамна вработен  на минималец и вториот средношколец со желба да спортува не и барал помош за наставата. Жељка, мајка на шестоодделенец дневно работела по пет до шест часа за наставата. Вели за онлајн настават може посебна тема да се напише, но и дека  има и предности и мани.

За време на полицискиот час, генерално и сега, овие жени воопшто не биле на лекар. Првин, бидејќи немале превоз, а воедно се плашеле од посета на здравствена установа, бидејќи Куманово беше едно од најпогодените подрачја со над 400 заразени лица и стравувале да не се заразат. Одредени потреби ги завршувале телефонски како што е препишување на хронична терапија за повозрасните членови од семејството, дел од лековите ги купувале без упат, што е дополнително оптоварување на семејните буџети. Кузевска вели не можела да се пријави во центарот за вработување, бидејќи установата не работела.

Препораките, главно ги почитувале и тие и нивните соседи. Некогаш на далечина пиеле кафе секој сварено во својата куќа. Кузевска вели дека и било страв од семејствата кои доаѓале на викенд посети во нивното село и нивното ноншалантно однесување. Петковиќ вели дека во селото починало лице како последица од Ковид 19, па речиси не комуницирале со соседите.

Последиците од Ковид 19  ги плашат нашите соговорнички. Оливера стравува за своето семејство, сопругот не може да ја затвори фирмата, не може да се вработи, синот е вработен на минмалец,  вториот студент, таа самата не е вработена.

-Приходите се намалени, потребни се средства за да се обезбеди нафта, ние произведуваме раноградинарски култури. Немаме обезбедно откуп, не можеме самите да пласираме на пазарите, имаме конкуренција од Албанија, цената паѓа, влогот не се исплаќа-вели Оливера.

Со неа се сложува Петковиќ која вели дека земјоделството и претходно и сега се соочува со загуби, а уште повеќе стравува за иднината, како ќе растат цените  на сите продукти. Жељка, вели среќна е што има поддршка од блиските, сепак вели е мал е бројот на жени во село кои имаат свои средства, своја сметка.

За време на пандемијата сите трошеле за набавка на средства за дезинфекција, маски, ракавици. Оливера кажа дека наместо да купат семе купувале заштитна опрема. Отежнато се одвива и земјоделското производство. Зголемени се цените на семето, на нафтата. Ако навреме не се реагира може да очекува намалено производство.

-Треба да се изора, да се насее, а средства баш и нема-вели Петковиќ.

Стравот од Ковид 19 останува, но поинтензивен е стравот од иднината. Стравот е реален, може да се манифестира со анксиозност до депресија, нарушување на сонот, намален или зголемен апетит, особено страв од невидлив непријател како што е Ковид 19, но може да се надмине вели психологот и семеен советник Сања Јовановска.

-Во многу ситуации жените од руралните предели нема да ги препознаат симптомите кои што се јавуваат како последица на интензивниот страв и вознемиреност: анксиозност, депресија, панични напади  туку тоа го кажуваат како: „ме боли глава”, „не можам да спијам”, „ме боли стомак”, „изморена сум”, „нервозна сум”, „на крајот на нервите сум”, „се гушам”, „имам проблеми со срцето и притисокот”… Во такви ситуации не треба да чекаат симптомите да се влошуваат, препорака е да побараат совет од стручно лице, психолог, психотерапевт, психијатар- вели Јовановска.

Таа додава дека и самите можат да си помогнат со тоа што ќе го ограничат времето за следeње на медиуми, ќе си дозволат време за себе, ќе си кажат дека ова состојба ќе мине.

Жените во руралните средини се под притисок да ги завршат секојдневните обврски, да избалансираат со ограничените ресурси во руралните средини и да се соочат со коронакризата.  Сепак, нашите соговорнички се храбри жени кои знаат дека ќе помине и оваа состојба и дека се ќе се врати во нормала, која и пред ширењето на вирусот беше далеку од идеална за жените од руралните средини.

Изработила,

Александра Максимовска, новинар

Оваа новинарска сториjа е изработена за потребите на проектот “Ковид 19 и гласот на жената од руралната средина“. Проектот е финансиски поддржан во рамките на програмата на Цивика Мобилитас.

„Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Рурална Коалициjа и новинарката Александра Максимовска и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.