Едукативно предавање на Меѓународниот ден на децата на тема “Животот на село”

Објавено на 01.06.2022 година.

По повод Меѓународниот ден на децата, 01-ви јуни, учениците од прво одделение во основното училиште “Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево, денес имаа можност да се запознаат со основните поими поврзани со животот на село, развојот на селските средини и производството на чиста и здрава храна. Предавањето го реализираше Рурална Коалиција во соработка со основното училиште, а се со цел децата уште од најмала возраст да се запознаат со условите и начинот на живот во селата и руралните средини и да добијат јасна слика за потребата од нивно зачувување, но и потребата од производство на чиста и здрава храна за која што нашето поднебје нуди идеални услови.

Во текот на предавањето исто така беа споменати и различните занаети кои што може да се развиваат и негуваат во руралните средини како што е грнчарството, производството и преработката на земјоделски производи (овошје и зеленчук), но и производството на ајвар, слатко, џем кои што особено се омилени кај децата. Едукативното предавање даде осврт и на сите активности кои што може да се практикуваат во селата и во природата, како и на подготовката на традиционалните јадења од страна на нашите баби, што пак е и главната асоцијација за нашите селски предели.

Децата имаа можност да цртаат и бојат на теми поврзани со животот на село, да се запознаат и со видовите на домашни животни кои што се одгледуваат на село, но и да вкусат дел од производите кои што се произведуваат од вредните раце на жителите во селата, а обезбедени преку платформата “Наша тезга“.

Едукативното предавање е една од активностите кои што основното училиште и Рурална Коалиција ги реализираат заедно во рамките на потпишаниот меморандум за соработка, а во насока на промоција и зачувување на домашното и автентично производство на храна, но и мотивација на децата за вршење на бројни други активности на село кои што се особено важни за развојот на руралните средини.

Ваквите предавања се насочени кон развивање на свеста кај децата уште од најмали нозе за значењето на производството на храна, но и потребата од вложување и развој на руралните средини како идни генерации кои што може да ги изберат токму селата и професиите поврзани со руралниот развој, па и да ги селата како места за нивно живеење и создавање на семејство заради предностите кои што ги имаат овие места, а кои што стануваат се повеќе атрактивни и во светски рамки, истакна Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Предавањето е реализирано како дел од годишната програма за работа на Рурална Коалиција која што е финансисирана со институционален грант во програмата на Цивика мобилитас.

Цивика мобилитас е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.