Посета на делегација на Швајцарската амбасада на Рурална Коалиција

Објавено на: 12.05.2022 година.

Вчера ја имавме таа чест да ја пречекаме Високата делегација на Embassy of Switzerland in North Macedonia и заедно со амбасадорката на Швајцарија, H.E. Veronigue Hulmann, амбасадорката и шефица на Евро-азиската дивизија во Берн, г-а Anna Ifkovits Horner, како и Carin Salerno, шефица на Западно Балканската дивизија да ги разгледаме и продискутираме позитивните промени кои што сме успеале да ги направиме со програмата на Civica Mobilitas. Но, исто така разговаравме и отворивме дебата за овозможувачката околина во која што делуваат граѓанските организации особено на локално ниво, за потребата од достигнување на балансиран регионален и локален развој, како и за неопходноста од градење на цврсти и стабилни партнерства со сите локални чинители, општини, локален бизнис сектор, медиуми… 

Говоревме за состојбата со одржливоста на граѓанските организации особено на оние помалите, како и за извори на финансирање на активностите во заедницата кои што ќе бидат различни од она што во моментот го имаме односно странската финансиска поддршка. Особено ја истакнавме потребата од создавање на реални но и долгорочни партнерства со институциите и Владата која што е клучна не само за финансирањето на активностите на граѓанското општество туку и за реално наше вклучување во процесите на креирање на политики и донесување на одлуки.

И секако говоревме за достигнувањата на Рурална Коалиција, за предизвиците во производството на храна, за органското производство, но и за потребата од адаптација на земјоделското производство кон климатските промени. 

Говоревме исто така и за положбата на жените од руралните средини, за заложбите на нашите членки во Руралното Женско Лоби, за нашите мартовски кампањи, за потребата од засилено застапување на локално ниво особено кога е во прашање економското јакнење, но и учеството на жените во процесите на донесување на одлуки на локално ниво.

Не ги испуштивме ниту младите и предизвикот како да ги задржиме во руралните средини, но и колку и како ги поддржува државата во остварувањето на нивните цели и идеи и колку вложува во руралниот развој.

Ги дискутиравме потребите и идните насоки за развој на граѓанското општество, државното финансирање, транспарентноста и отчетноста и на институциите, но и на граѓанските организации, конструктивноста и ефективноста на граѓанското учество во консултативните процеси на донесување на политики и стратешки документи, но и насоките во кои што треба да се движи развојот на локалната заедница паралелно со развојот на граѓанското општество.

На средбата беа присутни и нашите членки од Локалната Акциска Група ЛАГ АБЕР 2015 кои што пак говореа за воспоставувањето на една таква структура како еден од начините како да се инволвираат во развојот на заедницата сите локални чинители, а каде што всушност и ја реализиравме посетата како наши членки од Североисточниот плански регион. Исто така делегацијата имаше можност да слушне и за воспоставувањето на првата енергетска задруга во нашата земја токму од нејзините членови што пак само по себе станува и повеќе од потреба со оглед на енергетската криза со која што се соочуваме.

Секако дека на крај ги почестивме со производите од Наша тезга кои што искрено се надеваме дека ќе им се допаднат!