Промовиран извештајот за достапноста на е-услугите во руралните средини

Објавено на 24.09.2021 година.

34% од населението во руралните средини немаат информација дали нивната општина има активна веб страна, а над 40% услугите ги добиваат со посета на општините, додека пак 33,5% преку контактирање со познаници/пријатели.

Комуникацијата на руралните општини со населението е оценето со средна оцека 3, додека пак дури 51% од населението не знаат кои услуги ги има и ги нуди општината, па често пати се мешаат надлежностите на националните и локалните институции.

Само 12% од испитаниците одговориле потврдно на прашањето дали има назначено лице за комуникација со граѓаните, а дури 64.5% никогаш не поднесуваат претставки до општината за да се унапреди квалитетот на услугата од која што не биле задоволни.

Ова се само дел од резултатите на истражувањето кое што Рурална Коалиција го спроведе теренски во периодот јули – август 2021 на територијата на општините Старо Нагоричане, Врапчиште и Кривогаштани со учество на вкупно 155 испитаници, жители на руралните општини, а беа презентирани на денешната отворена дебата со жителите на руралните средини и општините.

Отворената дебата и презентацијата на резултатите од истражувањето и извештајот се организирани во рамките на проектот „Достапност на локалните е-услуги – чекор напред или чекор назад во реформата на jавната администрациjа“ кој што е насочен кон заjакнување на граѓанскиот мониторинг на давање на е-услуги од страна на руралните општини преку развоj на препораки и застапување за дигитализациjа на локално ниво.
Проектот е финансиран во рамките на проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од ЗБ за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 2.0 финансиран од страна на Европската Унија. Проектот WeBER 2.0 се спроведува од Центарот за европски политики – ЦЕП (Србија) како водечки партнер и партнерските организации: Институтот за демократија и медијација (Албанија), Иницијативата за надворешна политика (Босна и Херцеговина), Групата за правно-политички студии (Косово), Институтот Алтернатива (Црна Гора), Институт за европска политика (ЕПИ)/European Policy Institute – EPI (Северна Македонија) и Центарот за европска политика (Белгија).
 
Годишниот план за работа на Рурална Коалиција е поддржан со институционален грант во програмата на Civica Mobilitas