Промовиран кодексот за саморегулација на граѓанските организации

Објавено на 28.09.2021 година.

Кодексот за саморегулација е еден од документите или неформалните правила на однесување кој што недостасуваше во граѓанското општество.
Доброто управување е важно за граѓанските организации, а уште поважно за мрежите од граѓански организации, а се со цел да има начин, но и правила како ние граѓанските организации да бидеме транспарентни внатрешно во рамките на самата мрежа/коалиција, но и кон надвор односно кон граѓаните и локалната заедница.
Од исклучително значење е граѓанското општество да биде пример за отворено и транспарентно општество уште повеќе поради тоа што ако граѓанските организации ја бараат транспарентноста од институциите, тоа најпрво треба и тие самите да го понудат.
Во исто време ваквиот позитивен пример на саморегулација кој што го зедоа како предизвик кој што ќе треба да го реализираат токму граѓанските организации ќе значи зголемување на легитимитетот, но и довербата на граѓаните и локалната заедница во дејствувањето и работата на граѓанските организации, но и мрежите во кои што истите делуваат.
Верувајќи во оправданоста на изработката и донесувањето на ваквиот кодекс за саморегулација, Рурална Коалиција беше една од организациите која што беше активно вклучена во неговата изработка, но и една од првите организации која што го потпиша истиот заедно со Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС , Konekt и Фондација Отворено општество – Македонија , но во исто време и една од првите мрежи/коалиции на граѓански организации кои што ќе работат на неговата промоција и имплементација.
Промоцијата и потпишувањето на кодексот беше една од главните активности која што го одбележа овогодинешниот фестивал- Ден на граѓанските организации кој што се организираше по четврти пат во рамките на програмата на Civica Mobilitas посветено на 30 години граѓански активизам, а на кој што свои обраќања имаа Никица Кусиникова, како извршна директорка на Конект, Фани Каранфилова-Паноска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија, Александар Кржалоски, извршниот директор на МЦМС, како и извршната директорка на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски.