Day: October 19, 2021

Видео приказна за Рурална Коалиција

Објавено на 19.10.2021 година.

Која е всушност Рурална Коалиција и што е она што организацијата го работи? За што застапува и кои се нејзините членки, но и главни дејности со кои што се наметнува како партнер во креирањето на политики, но во исто време и придонесува кон создавањето на одржливи рурални средини во кои што родовата еднаквост и рамноправност е видлива, а младите настојуваат да ја продолжат, но и унапредат работата на своите родители и предци.

Видеото кое што ни ја раскажува приказната за Рурална Коалиција е изработено во рамките на менторската поддршка на Проектот за техничка поддршка на граѓанските организации во Западен Балкан и Турција (EU TACSO 3).

Менторската поддршка е една од алатките која што е особено значајна и придонесува кон институционалниот развој на организациите, а во насока на создавање на цврста и стабилна организациска структура.

Видеото може да го погледнете тука.

Одбележување на Меѓународниот ден на жените од руралните средини: До каде сме на патот на родово-одговорното буџетирање во земјоделството и руралниот развој?

Објавено на: 15.10.2021 година.

Денес е одржа отворената дебата и презентација на резултатите од извештајот “Родово-одговорно буџетирање во секторот земјоделство и рурален развој“ и промоцијата на документот за јавни политики “Каде не води патот на родово-одговорното буџетирање во секторот земјоделство и рурален развој“.

Денес се одбележува Меѓународниот ден на жената од руралната средина, 15-октомври, а ние се одлучивме токму за ваков начин на негово одбележување, односно со укажување на моменталната состојба со родовата еднаквост во секторот, но и како истата може и треба да се унапреди. Оваа година, Меѓународниот ден на жената од руралната средина се одбележува под мотото: “Жените од руралните средини произведуваат здрава и безбедна храна за сите нас“, а оваа тема треба да ја истакне и да ја зајакне улогата на жената во производството на храна, чие што значење особено се зголеми во изминатата година и половина на живот во време на пандемија. На светско ниво дури 2.73 милијарди луѓе немаат доволно оброци и храна во текот на еден ден, што пак е зголемено за 20% во однос на годините пред пандемијата.

Од друга страна пак, жените во руралните средини се соочија со зголемен товар и обврски, но и психолошки притисок како да произведат храна за сите и како да ги завршат навреме сите обврски поврзани со грижата за домот и семејството.

И токму тука се поставува и главното прашање “Дали ваквата улога на жената е препознаена во секторот земјоделство и рурален развој?“ Дали жената ја има достапноста и пристапот до сите услуги и дали родовата еднаквост е препознаена во земјоделството како основно човеково право?

Прашањето на рамноправност и вклучување на родовите перспективи во главните текови, не е само прашање на социјална правда, туку е исклучително значајно прашање во справувањето со сиромаштијата и невработеноста, обезбедувањето еднакви можности и квалитетен живот за сите.
Познавањето на темата родово-одговорно буџетирање во руралните средини е речиси минимално, односно целосно непознати се поимите родово-одговорно буџетирање, родов индекс, препознавање на родовата еднаквост како основно човеково право.
 
И токму затоа нашата намера беше денес денот да го одбележиме со резултатите од Извештајот за родово-одговорно буџетирање во секторот земјоделство и рурален развој, но и со документот за јавни политики во кој што меѓудругото стои дека едукацијата, споделувањето на информациите, вклучувањето на жената во процесите на донесување на одлуки особено во локалната заедница се едни од клучните елементи кои што треба да го зголемат како нивото на емнаципација на жената, така и можноста за користење на различните алатки кои што токму на жените ќе им помогнат да се препознаат нивните потреби кои што многу често се различни од оние на мажите. Една од тие алатки е токму родово-одговорното буџетирање и внесување на родовата компонента во секој сегмент од секторот земјоделство и рурален развој и тоа како стратешки приоритет.
Рурална Коалиција како дел од регионалната Мрежа за родов надзор на Западен Балкан и Република Молдавија Gender Budget Watchdog Network ја имаше таа задача да работи на доближувањето, но и воведувањето на оваа алатка како во препознавањето, така и во програмирањето на различните потреби на мажите и жените во земјоделството.
Како тоа успеавме да го направиме под менторската палка на Center for Research and Policy Making и кои се деталните препораки и заклучоци кои што ги изготвивме може да прочитате во извештајот и документот за јавни политики достапни на нашата веб страна.
Документите се изготвени во рамките на проектот „Родово одговорно буџетирање во секторот земјоделство и рурален развој“ финансиран од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦРПМ), а овозможен со финансиска помош од Австриската агенција за развој (АDA) и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (SIDA).
Годишниот план за работа на Рурална Коалиција е поддржан со институционален грант во програмата на Civica Mobilitas.
 
Нека ни е честит Денот на жената од руралните средини и нека ни следуваат години со плодни и позитивни промени во унапредувањето на родовата еднаквост во руралните средини!