Month: August 2021

Објавен е вториот број на Агро-руралниот информатор

Објавено на 31.08.2021 година.

Денот го завршуваме со новиот број на агро-руралниот информатор кој што го издава Рурална Коалиција и всушност прави ретроспектива на најважните настани кои што се случуваат во период од 6 месеци, па така овој број го дава прегледот на периодот јануари-јуни 2021 година.
 
Прочитајте за активностите на Рурална Коалиција, за нејзините 50 здруженија-членки, но исто така и за најважните активности во секторот кои што ја одбележаа првата половина од 2021 година.
 
Агро-руралниот информатор е достапен на следниот линк а истиот е изготвен како дел од годишната програма за работа на Рурална Коалиција финансирана преку институционален грант на Civica Mobilitas.

Климатските промени погубни за пчеларите и за останатото земјоделско производство

Објавено на 21.08.2021 година.

Стотици хектари изгореа во општините Куманово и Старо Нагоричане изминатиов месец. Најпогодени беа селата од козјачијата каде гореше борова, дабова шума, но изгореа и површини во кумановско на повеќе локации. Проценките на штетите почнаа, општините ги испратија комисиите на терен, земјоделците изгубија обработливи површини во пониските рурални средини, претрпеа штета на имоти, изгоре добиток. Изгореа дрвја стари пет децении.

Јули, годинава беше најтоплиот месец покажаа мерењата на светски научници. Екологистите се загрижени, а земјоделците најпогодени. Директна штета трпат пчеларите од двете општини кои секоја година имаат сè понизок принос, а за наредната, поради пеплосаните територии стравуваат дека ќе се повтори најлошата 2020 кога не извадија ниту тегла мед по кошничка. Во екот на пашата, раскажуваат пчеларите временските прилики биле неповолни за пчелите. Микроклимата е уште позначајна за пчеларите.

Претседателот на здружението „Пчела“ Куманово, Горан Митевски вели дека климатските промени директно ги погодуваат пчеларите. Тој пчелари на три локации во Којнаре, Градиште и Пезово. Микроклимата е различна од сите три места што резултира со различни приноси, па така, појаснува Митевски, просечно во Којнаре има еден килограм, во Градиште седум-осум, во Пезово од 11-12 килограми. За среќа вели, медоберот го завршил пред пожарот.

– Пожарот го зафати овој дел, Мургашки рид. Доколку се измести фазата на цветање на билките што директно зависи од климата, тогаш имаме намалено нектарење, а со тоа и намален приход на мед. Пчелите ги опрашуваат растенијата, овошките што пак со годините е недоволно. Пчелата сè уште не може да се адаптира на овие страшни климатски промени, појаснува Митевски.

Трајче Денчевски има два пчеларници во двете општини Старо Нагоричане и Куманово во Сув Ора и Зебрњак со 170-тина кошници. Приносите последниве четири години се едноцифрени по кошница, но сепак повисоки во Старо Нагоричане.

– Според анализите во населено место има бетон, асфалт, за разлика од село каде целиот простор е со зеленило. Низ годините забележав помали приноси во градската средина. Климатските промени имаат влијание врз целокупното земјоделие што придонесува за намалени приноси низ годините, вели Денчевски. Пчеларите велат дека ќе се приклучат на акциите за пошумување не само на медоносни растенија, туку генерално во сите акции кои ќе се организираат од општините или државата. Невладините организации предупредуваат дека климатските промени најмногу ќе ги погодат земјоделците. Елена Николовска од „Еко-свест“, посочува дека долгите сушни периоди влијаат врз раноградинарските култури, претходниот месец овоштарниците од ресенско претрпеа штета, претходните години излевањето на реките го преполови родот. – Според анализата за климатски екстреми во земјава направена како дел од CBIT проектот во склоп на Министерството за животна средина, можеме да очекуваме земјата во иднина да се соочи со потопла и посушна клима. Се очекуваат и екстремни бури кои ќе предизвикаат поплави. Наглите промени во времето се тешки да се предвидат, а ова значи огромни штети и загуби за земјоделците. Пожарите како директна последица од климатските екстреми предизвикуваат огромни штети и загуби, како по природните екосистеми така и по локалните заедници. Видовме како стока и житни култури се целосно пеплосани во пожарите кои ја зафатија целата држава овој месец, ова е материјална штета која државата ќе треба да ја надомести, меѓутоа нашата држава не е финансиски подготвена да ги надомести и да се справи со сите овие штети и загуби и ова е случајот со речиси сите земји во развој и неразвиени земји, вели Николовска.

Државата, според неа, сè уште нема национален план за адаптација, односно приспособување на ранливите сектори кон овие новонастанати климатски услови со кој треба да се дефинира институционална рамка како и мерки и активности токму за адаптација и на секторот земјоделие. Извршната директорка на „Рурална Коалиција“, Лилјана Јоноски пак додава дека токму климатските промени се закана за биодиверзитетот, земјоделските екосистеми и човечка благосостојба. Според истражувањата има помали приноси во растителното производство каде што одредени сорти повеќе или не успеваат на овие простори, а во минатото давале максимални приноси. – Сведоци и на драстично намалување на приносите кај речиси сите земјоделски култури коишто се одгледуваат во државата. Ова намалување до 2025 ќе се движи до десет процени. Климатските промени за земјоделството носат двоен предизвик: од една страна земјоделството мора да ги намалува емисиите на јаглерод диоксид, метан и азот оксид во атмосферата, а од друга страна да презема мерки за адаптирање кон климатските промени чиј ефект е сè повидлив. Тоа ќе влијае и врз креирањето на земјоделските политики и стратегии, како и постепено адаптирање на правилата коишто заедничката земјоделска политика веќе ги има воведено за земјоделците коишто живеат во држави-членки на Европската Унија, а кон којашто се стремиме и ние, потенцира Јоноски. Јоноски смета дека е важно да се работи на свеста кај земјоделците, бидејќи ѝ покрај штетите, мал е процентот на земјоделците кои преземаат мерки за ублажување на климатските промени, сметајќи дека тие се сè уште далеку од нас. – За влијание врз креирањето на политиките освен неколку обиди на поголемите граѓански организации во секторот не може ни да стане збор, па согласно последните трендови во ЕУ и заедничката земјоделска политика, потребата од климатски акции за климатските промени во земјоделството и подигнување на свеста кај земјоделците за потребата од нивна директна акција на терен како и на сите нас станува нужна, рече Јоноски.

Потребна е адаптација на ранливите сектори како што е земјоделството кон сегашната состојба сметаат, граѓанските организации. Општините засега немаат законска обврска да изработуваат општински планови за адаптација, но во интерес на локалниот економски развој потребно е да се подготват планови за адаптација. Општина Старо Нагоричане има подготвено стратегија за локален економски развој и за развој на туризмот во кои има неколку мерки кои би ги ублажиле климатските промени. Климата во оваа општина може да се дефинира како умерена со изменето медитерански влијанија, богата е со вегетација која варира од ниски кон високи прегледи и генерално е чиста незагадена средина. – Како рурална општина, населението во Старо Нагоричане се занимава со традиционално земјоделство, сточарство и одгледување на традиционални земјоделски култури. Општината има потенцијал за воведување нови култури, воспоставување модели за производство на органска храна и развој на пчеларството како специфична гранка. Во тој контекст ќе биде важно да се искористат мерките за поддршка на развојот на земјоделството предвидени со Националната стратегија за земјоделство и рурален развој и да се овозможи едукација на населението за воведување нови производи и нов начин на работа, се наведува во стратегијата за ЛЕР. Меѓу стратешките цели на општината е подобрување на руралниот развој, развој на земјоделството, зголемена информираност на земјоделците, аплицирање на домашни и странски проекти, искористување и унапредување на сточарство, на производството на храна. Оттука можат да се црпат идеи за приспособување на целиот сектор земјоделство кон климатските промени. Општина Куманово во моментов подготвува нова програма за рурален развој. До крајот на годинава се очекува да биде подготвена петгодишна стратегија за рурален развој во која ќе бидат опфатени сите рурални средини во општината. Екипи од општината на терен ги согледуваат проблемите со кои се соочуваат руралните средини, подготвена е база на податоци.

Ахмет Јашаровски од одделението за локален економски развој од општина Куманово вели дека проблемите ќе се решаваат со поддршка на домашни и странски фондови. – Во стратегијата ќе бидат вклучени релевантни фактори, експерти, кои работат на проблематиката-климатски промени, ќе се земат предвид нивни размислувања. Дури и во моментов имаме податоци дека покрај инфраструктурата, земјоделците од кумановско ги загрижуваат климатските промени. Затоа ќе посветиме внимание на ублажување на овие негативни ефекти врз производството, појаснува Јашаровски. Поради зависноста од временските услови, храната е најмногу погодена од климатските промени. Затоа, организациите предлагаат паметно да се искористи земјиштето за да се обезбеди храна и во екстремни временски услови. Агро-екологијата е пример за искористување на постоечките екосистеми за да се произведе храна, во исто време ја зголемува отпорноста на посевите од наглите топлотни бранови и поплави, кои изминатава деценија станаа сè почести.

Александра Максимовска.

Оваа новинарска сторија е изработена во рамките на проектот “Климатска акција за климатските промени во земјоделството“ кој што го спроведува Рурална Коалиција со финансиска поддршка од Фондација Отворено Општество – Македонија. Сторијата е единствена одговорност на Рурална Коалиција и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија.   

 

Годишниот план за работа на Рурална Коалиција е поддржан од Цивика мобилитас.

„Наша тезга” – онлајн пазар за локална храна што ги раскажува животните приказни на руралните жени производителки

Објавено на 13.08.2021 година.

Скопје, 13 август 2021 (МИА) – Локално произведена храна – зеленчук, овошје, жито, мешункасти и јаткасти плодови, пчеларски продукти и домашни преработки, ќе биде само дел од понудата на „Наша тезга” – првиот женски вирутелен е-пазар кој треба да профункционира до крајот на годинава.

Го подготвува Рурална коалиција со своите соработници и поддржувачи, по иницијатива на жените од руралните средини.

„Наша тезга” ќе биде спој на традиционалното производство и животните приказни на жените производителки, а ќе ги опфати сите осум плански региони во земјава, Пелагонискиот, Полошкиот, Југозападниот, Југоисточниот, Источниот, Скопскиот, Вардарскиот и Североисточниот.

Идејата е, потенцијалните потрошувачи кога ќе го посетат онлајн пазарот, најпрво да се зближат со производителките, да се запознаат со начинот на производство на храната, па дури потоа да ја купат.

Вака замислена, оваа интерактивна платформа ќе биде прва од ваков вид кај нас.

Во тек се интензивните подготовки. „Наша тезга” треба да биде завршена до крајот на годинава. Моментно тече теренското мапирање и прибирањето податоци за жените од руралните средини, нивните производи и преработки.

-Замислено е „Наша тезга” навистина да биде нашето локално виртуелно место на кое ќе може да се видат производите, да се дознае приказната за нив, па дури потоа да се купат, да се понудат богатите вкусови на нашата локално произведена храна, вели за МИА директорката на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.

Според неа, иницијативата за ваквиот проект произлегла директно од жените производителки во руралните средини кои силно го почувствувале ударот од корона кризата, а една од специфичните цели е да се зголеми нивната економска моќ и независност преку создавање стабилни и конкурентни вредносни синџири во локалната заедница.

„Наша тезга” беше промовирана во Неготино, во јуни годинава.

-Зачетокот на платформата произлезе како идеја од страна на самите жени, по појавата на корона кризата и загубата на нивните економски приходи од 60 – 80 проценти поради затворањето на пазарите, стравот на луѓето да се сретнуваат едни со други, па дури им се намали и продажбата на производите „од врата до врата”, кај оние кои со години си ги имале како традиционални потрошувачи и корисници на нивните производи. Нивниот став и идеја беше, ако не може да продаваме на пазарите, како може тоа поинаку да го направиме? Дали може да се формира некаков виртуелен, е-пазар? Токму поради тоа што идејата дојде од жените, овој пазар првично го доби називот рурален женски е-пазар, објаснува директорката.

Идејата потоа полека почнала да се шири.

– Рурална коалиција беше една од трите организации од целата држава која успеа оваа своја идеја да ја презентира и пред бизнис секторот, како и пред индивидуалните граѓани заинтересирани да донираат, по што добивме и донација која треба да го помогне нејзиниот развој. Поддршката за е-пазарот почна да се зголемува. Проектот за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) не поврза со студенти од ФИНКИ кои всушност ни ја изработија првата верзија на виртуелниот е-пазар, достапна на https://nashatezga.netlify.app/ што, пак, ни го поддржа Цивика мобилитас, вели Јоноски.

Моментот на иновативност, додава, е доловен токму со ангажманот на младите инфроматичари што е додадена вредност на платформата.

– По воспоставувањето на првичната верзија, платформата беше промовирана во Неготино преку поставување неколку тезги со македонски свежи и преработени земјоделски производи за да се долови моментот како тоа ќе изгледа и виртуелно, па на самите тезги жените и мажите производители ни ги раскажуваа своите приказни, како го почнале и како го развивале своето производство, што е вусшност и главната цел на оваа платформа – да стане жива, интерактивна и да може граѓаните најпрво да се зближат со производителките, да го дознаат начинот на производство на храната, а дури потоа да ја купат, а ваква интерактивна платформа ќе биде прва од ваков вид кај нас, нагласува Јоноски.

Ваквата иницијатива е поддржана и од Владата.

-Сакаме да ја исполниме платформата со шаренилото од бои и вкусови кои го имаме тука, на нашето поднебје, по што ќе следи поставување на приказните на жените и производите, а ќе се изработи и бренд на самата платформа и нивните производи во соработка со нашите бизнис партнери. Секако, ќе се воведе и систем за испорака до дома, но ќе се креираат и пакети со различни производи наменети за компаниите и нивните вработени. Целосно во функција со сите елементи платформата треба да биде завршена до крајот на оваа година, но штом се постават приказните и производите на жените секој ќе може да си нарача директно од кај нив, а како ќе минува времето платформата само ќе се надоградува и проширува, подвлекува Јоноски.

Освен контакт на производителите и купувачите, „Наша тезга” ќе овозможи, доколку некој сака, да прочита и нешто повеќе за агробиодиверзитетот.

Со ставањето во функција на овој онлајн пазар, не само што ќе се афирмираат традиционалните производи и преработки од осумте плански региони во земјава, туку ќе се зголеми и нивната промоција. Дополнително, ваквиот начин на работа ќе ги зајакне дигиталните вештини кај жените од руралните средини.

Превземено од biznisvesti.mk.