Month: April 2021

Презентација на наоди од извештајот за степенот на дигитална писменост и користењето на е-услугите во руралните средини

Објавено на 29.04.2021 година.

На денешната прес конференција во рамките на проектот “Дигитализација во земјоделството – СЕГА, беа презентирани резултатите од националниот извештај за дигитализација и користење на е-услуги во руралните средини.
На презентацијата на резултатите од истражувањето кое што опфати 246 испитаници од руралните средини и тоа 122 жени и 124 мажи од 6 плански региони (Југозападен, Југоисточен, Источен, Североисточен, Полошки и Пелагпнски) беше споменато дека дури 76% од земјоделците имаат е-маил адреса, над 92% имаат стабилна интернет врска во своето место на живеење, а 185 од испитаниците освен смартфон имаат и друг компјутерски уред.
Но, она што е загрижувачки е дека најчесто ваквите е-маил адреси не ги користат, не си ги знаат лозинките и тоа често пати им предизвикува проблеми во комуникацијата со институциите. Поради тоа дури 64% од нив преферираат комуникација и вадење документи на шалтер, а ниска е и довербата во електронските документи односно само 35% од испитаниците му веруваат целосно на системот. Повеќе од половината од испитаниците односно над 52% не го препознаваат порталот www.uslugi.gov.mk a и тие кои што имаат информација за истиот, само 18% успеале да го отворат и да побараат одредена услуга електронски и тоа најчесто со поддршка на помладите членови семејството или пак со поддршка на вработените во институциите, напоменаа Лилјана Јоноски и Елизабета Ристеска – Мрческа како главни истражувачки во проектот.
Дејан Гичев, пак, како раководител на подрачната единица во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство смета дека локалното население и земјоделците сеуште се далеку од овие процеси и вработените во институциите се тие кои што сеуште им ги пополнуваат документите, ги упатуваат во различните институции, им аплицираат електронски за субвенции. Но со оглед на тоа што кога станува збор за рокови сите го чекаат последниот ден ваквиот притисок често пати станува преголем и кај самите вработени, па често се прават и грешки. Инаку во овој крај забележан е значителен раст на бројот на младите земјоделци, па кај нив се очекува да ги започнат промените во секторот и да го зголемат користењето на е-услугите.
Ранкиа Божиноска, како советник во Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството смета дека премногу е ниско нивото на дигитална писменост кај земјоделците и единствено од Интернет што користат се социјалните мрежи и групи преку кои што најчесто комуницираат, разменуваат искуства околу производниот процес и толку. Кога станува збор за аплицирањето електронски иако им се нуди како опција од страна на советниците сепак кај земјоделците сеуште преовладува ставот дека не веруваат во електронските документи, дека тоа е премногу сложен процес за нив, а од друга страна пак, често пати губат цели денови и едвај стигнуваат на време да ги поднесат апликациите за финансиска поддршка поради тоа одење од шалтер на шалтер.
Главните препораки дадени во истражувањето се потврдија и на самата прес конференција односно дека мора да се работи на терен со земјоделците и тоа чекор по чекор започнувајќи од зголемување на нивото на дигиталната писменост, воведување на е-услугите како единствен начин на комуницирање со институциите каде што е возможно и јакнење на свеста кај локалното население за потребата од активно вклучување во процесите на дигитализација кое што им штеди време, средства, но им дава во исто време и целосен преглед на случувањата во секторот земјоделство и рурален развој со таа напомена, ваквите активности да се спроведуваат на лесен, едноставен и разбирлив јазик за руралното население.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот “Дигитализација во земјоделството – СЕГА“ финансиран како подгрант во рамките на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ кој што го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
 
Целосниот извештај може да го погледнете тука.

Колкав дел од земјоделците ги користат модерните технологии?

Објавено на 28.04.2021 година.

Пандемијата Ковид 19, големиот број забрани и почитување на строги мерки на социјална дистанца, на негрупирање на граѓаните, избегнување на гужви по маркетите, отвори едно сосема ново поглавје во користење на интернетот, компјутерите и другите паметни уреди во нашите домови. Денес голем број состаноци се одржуваат онлајн, учениците учат онлајн, граѓаните плаќааат сметки онлајн, се со цел да се избегне контакт со други луѓе. 

Но, за жал тоа не е случај со македонскиот земјоделец кој и покрај пандемијата не го издигна многу степенот на својата дигитална писменост, така што традиционалните начини на поднесување документи на шалтер, гужвите за исплата на сметки и недовербата кон модерните технологии останаа.

За да се види колкава е дигиталната писменост кај нашите земјоделци “Рурална Коалиција” во рамките на проектот “Дигитализација во земјоделството – СЕГА” спроведе едно истражување за тоа колку земјоделците го користат интернетот и модерните технологии како алатка во нивниот бизнис и олеснување на секојдневните обврски.

Прочитајте повеќе .

Потребни се обуки за описменување на земјоделците

Објавено на 26.04.2021 година.

Минатата недела ја завршивме говорејќи за потребите од дигитализација во секторот земјоделство и рурален развој, како и за потребата од што поголема употреба на е-услугите достапни за овој сектор.

За да се зголеми сигурноста во е-документите, а и воопшто довербата во системот на државата потребно е да се говори многу, потребно е да се работи на зајакнување на јавната свест, но и да се вложува во зголемување на дигитална и компјутерска писменост особено во руралните средини.

Во делот на говорење во јавноста, но и кои се гледиштата и ставовите на сите засегнати страни погледнете во следниот прилог кој што е изработен во соработка со Инфо Компас и Сител ТВ  . Неделата која што ни претстои ќе биде посветена токму на овие теми. Следете не и придружете ни се заедно да зборуваме за Дигиталната Агенда и како да придонесеме кон нејзиното достигнување во локалната заедница. 

Целосниот видео прилог може да го погледнете тука

Погледнете го интервјуто на извршната директорка на Рурална Коалиција, Лилјана К. Јоноски дадено за регионалниот инфопортал Инфо Компас

Објавено на 23.04.2021 година.

Погледнете го интервјуто на извршната директорка на Рурална Коалиција, Лилјана К. Јоноски дадено за регионалниот инфопортал Инфо Компас каде што говориме за потребата од дигитализација и модернизација на македонскиот аграр, но и за тоа колку, како и дали воопшто земјоделците се запознаени со е-услугите и начинот на нивно користење.

Само 19% од жителите во руралните средини во 6 планински региони досега користеле е-услуга и тоа најчесто поврзана со електронско аплицирање за субвенции, издавање на е-потврди за статусот на вработувањето, изводи од матична книга на родени и имотни листови.

64% пак од земјоделците преферираат да одат на шалтер или пак да се информираат за потребите и услугите по пат на телефон преку директен контакт со вработените во институциите, но интересен е фактот дека употребата на социјалните мрежи за информирање е во пораст, па така ваквиот вид на информирање се користи дури кај 60% од жителите во руралните средини, а на трето место доаѓаат Тв и радиото како медиуми.

Целото интервју може да го погледнете тука.