На 17-ти март, 2021 година, Рурална Коалиција ја организираше првата презентација за нивото на дигитална писменост на локално ниво во новите простории на центарот за е-поддршка во Кичево

Објавено на 18.03.2021 година.

Во среда, на 17-ти март, 2021 година, Рурална Коалиција како дел од ИЦЕДА мрежата и организација која што ќе служи како локален центар за е-поддршка при користење на дигиталните услуги, ја организираше првата презентација за нивото на дигитална писменост на локално ниво во новите простории на центарот за е-поддршка во Кичево.
На презентацијата и промоцијата на работењето на центарот свое видување и ставови изнесоа и претставниците од локалната самоуправа кои што напоменаа дека треба да се вложува многу за да се достигне повисоко ниво на дигитална писменост, па и креирање на локални дигитални услуги, затоа што сеуште дури и вработените во самите општини повеќе преферираат комуникација во хартиена форма отколку електронски.
Од подрачната единица на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од Агенција за поддршка на развојот во земјоделството се согласија дека ваквата поддршка на локално ниво е повеќе и од добредојдена особено во периодот на објавување на повиците за финансиска поддршка во рамките на националната програма за рурален развој или пак ИПАРД. Исто така беше напоменато дека само со директен придонес и на граѓанскиот сектор ќе може да се забрзаат процесите и да се овозможи зголемена искористеност на е-услугите.
Рурална Коалиција во рамките на проектот “Дигитализација во земјоделството – СЕГА“ во наредните 15 месеци ќе работи на подигнување на дигиталната писменост во локалната заедница, а се со цел да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите на системот особено во делот на електронската комуникација и електронското издавање на документи.
Гужвите пред шалтерите, збунетите граѓани, одењето од институција во институција, од шалтер на шалтер, доаѓањето во град од селата само за еден документ ќе се намалат само доколку локалното население биде запознаено но и едуцирано за можностите и начините за добивање на е-услугите, а со самото тоа пак ќе се придонесе директно кон остварувањето на Дигиталната агенда на нашата држава.
 
 Рурална Коалиција е една од трите организации од Северна Македонија која што стана дел од мрежата за “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, а го спроведуваф фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), ODK – Отворени податоци Косово (Косово), Академија за е-владеење (Естонија), ЦРТА – Центар за истражување, транспарентност и отчетност (Србија), HBO 35мм (Црна Гора) и Levizja Mjaft! (Албанија).