Државното земјоделско земјиште – во рацете на моќните олигарси или кај вистинските земјоделци

Период на спроведување: jули – декември 2019

Потреба и опис на проектот:

Над 7 илјади договори за распределба на државно земјоделско земјиште се склучени во последните 12 години.[1] Но тука се поставува прашањето кој, како, по кој основ го добива земјоделското земјиште, но и дали истото се користи за намената за која е предвидено? Колку се транспаретни постапките за доделување на земјоделското земјиште, колку истите им се познати на земјоделците? Дали во комисиите за доделување на земјоделско земјиште има и членови земјоделци? Дали земјоделците доколку забележат појави за корупција знаат како и каде да пријават? Дали го прават тоа? Ова се само дел од прашањата на кои што за жал најголемиот број на граѓани, а особено земјоделците како целна група го немаат одговорот. Ревизија на доделувањето на земјоделско земјиште веќе беше најавена што упатува на фактот дека сепак недоволно транспарентните постапки, неинформираноста на земјоделците, добивањето на парцелите по партиски или друг вид на клуч постоело и постои, па често се случува земјиштето да заврши кај сите освен кај вистинските земјоделци. Последниот повик за доделување на државно земјоделско земјиште до 3 ха заврши во март оваа година на кој што се пристигнале 718 пријави.[2] Но, кој одлучува, како се доделува, што е достапно од податоци кога станува збор за сопственоста на земјиштето и неговото третирање ретко кому му е познато. Пред неколку месеци беа покренати и првите кривични пријави во овој процес поради сомневањата за корупција и нетранспарентно доделување на земјиштето. На терен, земјоделците постојано се соочуваат со недостиг на земја, а истата не може да ја добијат под закуп затоа што вработените по подрачните единици не им ги кажуваат сите парцели кои што се достапни на терен, па земјоделците мака мачат да ги дознаат точните парцели, меѓутоа понатаму немаат информација или алатка како може да го следат процесот како и каде да се пожалат доколку не се задоволни од резултатите од повикот или доколку забележат појава на корупција, а многу често се сведоци на превземање на тоа земјиште од локални моќници на комбинати или земјоделски компании против кои како поедници тешко дека може да се изборат. Токму тука се јавува и потребата од овој проект, односно да се добијат точните информации како една постапка за доделување на земјоделско земјиште се одвива, каде се јавуваат тесните грла или gap – ови кои што ја даваат можноста за корупција, колкава е транспарентноста на огласите кои што се објавуваат, кој ја сочинува комисијата за доделување на земјиштето, колку тоа им е познато на земјоделците, како и каде може да ги пријават обидите за корупција итн. Ова е единствениот начин, да преку добивање на ваквите реални податоци со кои што потоа ќе се запознаат земјоделците и ќе се зајакне нивната свест, но и слобода за пријавување и реагирање кога ќе забележат постапки за корупција, да се спречи идната било каква можност за корупција или нетранспареност при доделувањето на земјиштето, бидејќи за да може да реагирате за било која општествена промена или делување треба добро да ја познавате истата што не е случај и во конкретната ситуација.

Цел на проектот

Преку навремено информирање и алармирање на земјоделците во соработка со медиумите до транспарентна, јавна и некорумпирана постапка на доделување на државното земјоделско земјиште

Целна група и целно подрачjе:

Проектните активности ќе се реализираат во два различни плански региони кои што се земени како пилот региони и тоа: Североисточен и Пелагониски плански регион, а фокусот на активностите ќе се сконцентира во општините Куманово и Прилеп. Целна група во реализацијата на активностите предвидени во проектот ќе бидат земjоделците од двата плански региони кои што аплицирале на повици за користење на државно земjоделско земjиште, земjоделци кои што биле одбиени, оние кои што добиле земjиште на користење, како и подрачните единици на Министерството за земjоделство, шумарство и водостопанство како директно вклучени во процесот на обjавување и процесуирање на огласите, а и самото Министерство на национално ниво , како креатор на земjишната политика  во државата.

Очекувани резултати:

  • Обезбедени суштински, точни, објективни информации за постапката на доделување на државно земјоделско земјиште
  • Зајакнати капацитети на здруженијата-членки на Рурална Коалиција во соработка со локални медиуми за непречено и информирано следење и алармирање на постапките на доделување на државно земјоделско земјиште

Активности:

  • Истражување и анализа на постапката за доделување на државно земјоделско земјиште (кој, кога, како, каде објавува, документација, комисија за одлучување и следење итн.) – за оваа анализа ќе се направи истражување на последните три повици за доделување на земјоделско земјиште, при што ќе се направи и споредба со еден оглас од 2016 година која што се смета за најспорна година во овој сегмент. Ќе се прибираат јавно достапни информации, но и ќе се направат интервјуа со вработени во Министерството за земјоделство задолжени за земјишната политика, а исто така ќе се направат интервјуа и со вработените во двете подрачни единици каде што ќе се спроведува проектот: Прилеп и Куманово. Анализата ќе ја спроведе проектниот тим во соработка со експерт за аспектите или деловите кои што ќе треба да се истражуваат
  • Спроведување на теренска анкета помеѓу земјоделците од двата региони за нивните искуства со постапката за доделување на земјоделско земјиште, електронско наддавање, дали се соочиле со корумптивни постапки, дали знаат каде и како да пријават итн. Ќе бидат опфатени по 50 земјоделци од двата пилот региони, по што ќе следи сумирање на добиените резултати
  • Изработка на извештај за степенот на транспареност, но и познавање на постапката за доделување на земјоделско земјиште и нивна графичка обработка, како и за појавите на корупција или барање на мито, но и за информираноста на земјоделците за постапката на пријавување на корупцијата на која биле сведоци – истиот експерт кој што ќе го помага процесот ќе биде задолжен на крај врз основа на податоците кои што ќе ги добие да изготви соодветен извештај со препораки во однос на транспарентоста на постапката и отстранување на сите можности за превземање на корумптивни активности
  • Организирање на две локални прес конференции (Прилеп и Куманово) на тема: (Не)транспарентоста на постапката за доделување на земјоделско земјиште основа за (не)корумпирано постапување на институциите и земјоделските компании на кои што ќе се презентираат резултатите од двете истражувања
  • Изработка на видео новинарска истражувачка сторија за реални случеви со постапката за доделување на земјоделско земјиште која што ќе биде емитувана на локалните медиуми во Прилеп и Куманово и минимум на 1 национална телевизија заради зајакнување на свеста кај земјоделците и здруженијата за истражување и следење на постапките и борбра против корупцијата во делот на распределба на земјоделското земјиште
  • Организирање на две практични едукативни предавања за постапката на доделување на државно земјоделско земјиште од процесот на поднесување на документи, па јавно електронско наддавање, до процесот на мониторинг на донесување на одлуки, склучување на договори, доделување на земјиштето и пријавување на обидите за корупција до Антикорупциската комисија (Прилеп и Куманово). Предвидено е едукативните предавања да ги посетат 25-30 земјоделци
  • Изработка на кратко едукативно лесно достапно видео за постапката (3-5 мин.), а се со цел да се зголемат знаењата кај земјоделците и здруженијата за постапката за доделување на државно ЗЗ, но и за постапката за поднесување на претставки до Антикорупциска комисија кое што ќе биде јавно промовирано и достапно на социјалните мрежи, локалните медиуми
  • Организирање на национална тркалезна маса со институциите на која што ќе бидат отворени сите прашања поврзани со (не)транспарентноста на постапката како основа за корупција со што и ќе се заокружи проектот

Изработка на policy brief и доставен до институциите – краткиот документ за јавни политики ќе ги содржи сумирани сите заклучоци и препораки од настаните во проектот и истиот ќе биде предаден до институциите, а во насока на подобрување на транспарентноста и минимизирање на можностите за корупција во постапката за доделување на државно ЗЗ

 

Проектот ,, Државното земјоделско земјиште во рацете на моќните олигарси или кај вистинските земјоделци,, е финансиран како под-грант во рамките на проектот ,,Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција” спроведуван од Транспарентност Македониjа во соработка со НВО Инфоцентарот, а  финансиран од ЕУ.

 

 

[1] Официјални податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, www.mzsv.gov.mk

[2] Исто,