Добрата земјоделска пракса – основа за заштита на животната средина

Наслов на проектот:

Добрата земјоделска пракса – основа за заштита на животната средина

Период на реализација: 5 месеци/мај – септември 2019

Потреби/проблеми/сегашна состојба:

Кога говориме за животната средина и земјоделството станува збор за две круцијални области кои што се меѓусебно зависни и неопходно е да се почитуваат взаемните принципи на заштита на областите, а за општо добро. Така на пример, согласно законот за земјоделско земјиште (член 9), сопствениците и корисниците на земјоделското земјиште се должни да го користат земјиштето согласно неговата намена, но и да спречуваат загадување и негова деградација. Ова значи дека во праксата земјоделците треба да ги почитуваат прописите за заштита и унапредување на животната средина и природата,  а во однос на одговорноста и надоместот на штета предизвикана од загаденоста и заразеноста на почвата, водата и воздухот и од пожари се применуваат општите прописи за одговорност и надоместокот на штета. Погоре наведеното е она што стои на хартија, а што се случува во реалноста? Животната средина, а и биодиверзитетот, како и нивната заштита се доведуваат секој ден во прашање поради земјоделските активности кои што кога станува збор за заштита на животната средина се извршуваат на сосема несоодветен начин. Се применуваат ѓубрива кои што имаат висок степен на хемиски елементи кои што ја загадуваат најпрво почвата и воздухот, па потоа тоа преку почвата оди во водите, но и останува во крајните продукти, односно земјоделските производи. На таков начин пестцидите и хемикалиите човекот ги внесува во организмот и го загрозува своето здравје. Свеста кај земјоделците и размислувањето на овој начин е на почетна или базична основа, па поради тоа воопшто не се внимава ниту колку и како се ѓубри ниту каде се фрла земјоделскиот отпад, се палат стрништа на секој чекор, растенијата се прскааат колку што треба и не треба и сеуште земјоделците не се свесни дека во одреден сегмент и самите придонесуваат кон климатските промени со кои што денес им е толку тешко да се справат. Сите овие активности се сензитивни кога говориме за заштита на животната средина со оглед на тоа што Македонија се смета за 80% аграрна земја чии што површини околу 56% се обработливи. Дополнително доколку на ова се додаде и фактот за обврските кои што земјоделците ќе треба да ги испочитуваат во нивниот период на подготовки за влез во Европската Унија и тамошните регулативи во однос на заштитата на животната средина, станува збор за прашање чија што сензитивност е алармантна кога говориме за животната средина и на кое што поле делувањето во најкраток можен период е неопходно.  Доволно е да поминете во пролетен период на автопатот Тетово-Гостивар или пак во пелагониското поле и да се најдете сред густ црт чад од палењето стрништа и остатоците од растенијата од претходната година за да може да видите колку е сериозен и сензитивен проблемот кога говориме за вршење на земјоделските работи и заштитата на животната средина. Согласно досегашната работа на организацијата, земјоделците во најголемиот број на случаеви ѓубривата ги применуваат по некој нивен терк, а се набавуваат и ѓубрива кои што содржат висок процент на штетни хемиски супстанци. За примена на нови технологии, мерки или ѓубрива воопшто и не може да стане збор затоа што земјоделците многу тешко се прилагодуваат на промените и воведуваат новини во своето производство. Земјоделскиот отпад или отпадот од употребата на ѓубривата се фрла во најблиската река или се спалува, а при тоа воопшто не размислувајќи за штетните последици кои што при тоа се предизвикуваат врз животната средина, а преку земјоделските производи и врз здравјето на човекот.Проектот е финансиран од Министерството  за животна средина и просторно планирање.

Цели:

 

Општа цел: Заштита на животната средина и намалување на загадувањето преку примената на добрата земјоделска пракса во примарното земјоделско производство

Краткоточни цели: 

  1. Подигнување на степенот на информираност и запознаеност на земјоделците со мерките на добрата земјоделска пракса и агроеколошките мерки
  2. Јакнење на свеста кај земјоделците за потребата од практична примена на добрата земјоделска пракса и агроеколошките мерки во земјоделското производство

Очекувани резултати:

Р.1.  Утврдена реална состојба на терен со примената на добрата земјоделска пракса и агроеколошките мерки

Р.2. Подобрени знаења и капацитети на земјоделците но и институциите за примена на мерките од добрата земјоделска пракса

Р.3. Создадена овозможувачка јавна средина за реална примена на мерките на добрата земјоделска пракса како основа за заштита на животната средина

Целна група: Земјоделци во 5 плански региони (Пелагониски, Полошки, Југозападен, Североисточен и Југоисточен), но исто така како засегнати страни во рамките на проектот ќе се јават и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина, Агенција за поттикнување на земјоделството и руралниот развој, локални земјоделски здруженија, Факултет за земјоделски науки и храна.

 

Активности:

 

1.Подготовка на прашалници за земјоделци и институции и спроведување на теренско истражување во 5 плански региони за утврдување на фактичката состојба во делот на примена на стандардите на Добрата земјоделска пракса и агроеколошките мерки (Период на реализација – мај 2019)

  1. Организирање на 5 едукативни работилници со предавачи/експерти на темата “Добра земјоделска пракса“ во 5-те плански региони (Период на реализација – јуни -август 2019)
  2. Изработка на практичен водич за примена на добрата земјоделска пракса и агроеколошките мерки со превод и на албански јазик (Период на реализација – август 2019)
  3. Организирање на кампања со делење на водич и промотивен материјал во 5-те плански региони за придобивките од примената на добрата земјоделска пракса и агроеколошките мерки (Период на реализација – септември 2019)
  4. Организирање на тркалезна маса/завршна конференција со надлежните инситуции на тема: Добрата земјоделска пракса – основа за заштита на животната средина (Период на реализација – септември 2019)