Усвоена стратегијата за локален економски развој на општина Старо Нагоричане!

На седницата на Советот на општина Старо Нагоричане одржана во јануари 2019 година на Дневен ред на седницата беше ставена за разгледување и усвојување стратегијата за локален економски развој на општина Старо Нагоричане 2019-2023 година. Истата беше презентирана од страна на тимот на Рурална Коалиција како партнер во изработката на стратегијата, при што истата беше усвоена со консензус, односно без ниеден глас против затоа што самиот процес на стратешко планирање беше доволно инклузивен за да ги вклучи сите засегнати страни и институции во општината вклучувајќи ги тука и членовите на Советот и градоначалничката.

Стратешкото планирање беше еден обемен процес кој што започна во септември 2018 година. Процесот најпрво опфати формирање на локална активна платформа од локалните чинители (институции, општина, месни заедници, жители) која што се обврза дека ќе работи на изготвување на стратегијата, а се со цел унапредување на квалитетот на живот во општина Старо Нагоричане и тоа на подолг временски период.

Следуваа три граѓански форуми, односно фокус групи кои што за прв пат беа организирани по т.н. метод на светско кафуле, каде што сите три фокус групи (економско-социјален развој, земјоделство и рурален развој и локална самоуправа) имаа можност да дискутираат и да ги дадат своите идеи, предлози кои што во сите области ќе може да придонесат за унапредување на животниот стандард на жителите во општината, но и да го подобрат квалитетот на услугите кои што општината им ги дава на граѓаните.

Предлозите и идеите потоа од страна на стручен тим на експерти беа преточени во конкретни стратешки цели и активности, се дефинираа мисијата и визијата на општината, при што се доби и првата нацрт верзија на стратегијата која што повторно беше прегледана и корегирана на заедничка тркалезна маса, по што се доби и финалниот документ кој што беше усвоен и од страна на Советот на општината.

Следува период на промоција на стратегијата по месни заедници во општината преку промотивен материјал и дистрибуција на копии од самата стратегија, а се со цел да се овозможи запознавање на локалното население со целите и активностите предвидени во стратегијата, а на таков начин да може и самите жители да се пронајдат во стратегијата и да придонесат кон нејзина реализација.

Честитки до општина Старо Нагоричане за големиот интерес, посветеност, но и истрајност при креирањето на стратегијата и особена благодарност до градоначалничката на општината, г-а Жаклина Јовановска која што со своето присуство на сите средби и посветеноста кон изработката на квалитетен документ придонесе да биде пример што значи да се биде прв човек во рамките на една општина!!!