Управен одбор

Мендух Нухија, претседател на Управниот одбор, е земјоделец, односно сточар-одгледувач на крави и производител на житни култури повеќе од 30 години, активен поборник за унапредување на правата на земјоделецот како производител на храна, но и иницијатор на бројни граѓански иницијативи за подобрување на состојбата во млекопроизводството и производството на житарици.Член е на бројни национални и локални работни тела кои што ги следат состојбите во земјоделскиот сектор, а неговото делување преку организирани форми на земјоделци, односно здруженија започнува во далечната 2000 година. 

Како еден од основачите на кооператива Агрокултура – КООП, уште многу одамна ја препознава потребата од економско здружување и зајакнување на земјоделците, како и потребата од конкурентност на земјоделските производи и организирано менаџирање на откупот, маркетингот, но и набавката на репроматеријали по исплатлива цена која што ќе му овозможи на земјоделецот да произведе поефтино, а да продаде поскапо. Претседател е и на локалното здружение Агрокултура кое што се вбројува меѓу првите основани здруженија во секторот земјоделство и рурален развој. Член е и на потсекторските групи за житни култури и млеко веќе подолг временски период кои што како групи се сметаат за една од основните форми на вклучување на земјоделците во процесите на креирање и имплементација на јавни политики во земјоделството и руралниот развој. Од 12.12.2017 година е Претседател на Управниот одбор.

Живка Ѓурчиновска, жена фармер која доаѓа од Гостиварското село, Тумчевиште. Храбра но истовремено и сензуална, практична но и премногу реална, секако и емотивна. Често е пример на жена која зрачи со природна интелигенција, Нејзината смисла за расудување и реалното поимање на работите е навистина инспиративен.Истовремено жена која се вложува многу за да постигне резултати и во земјоделството, посебно во делот на производството на жито, пченка, грав, а е и една од првите земјоделци која што вложи во диверзификација на сопственото земјоделско производство преку вложување во насади со лешници. Во исто време и одгледувач на крави и производител на млеко и млечни производи.

Прва меѓу жените во селото, па и пошироко која што успеала да дојде до земја на свое име и да управува со неа онака како што смета дека е најдобро. Служи како пример во селото за успешна рурална жена во селото, а токму за таква жена беше прогласена и од Рурална Коалиција на Собранието на организацијата одржано во март 2019 година, кога станува и член на Управниот одбор на Коалицијата, а доаѓа од локалното здружение на жени-фармери од село Тумчевиште, “Моја фарма”.

Саша Арсиќ од Ново Село, Куманово, регистриран индивидуален земјоделец,производител на житни култури, сончоглед, диња на површина од 5 хектари. Насочен кон развојот на руралните средини, а и како активист во здружувањето на жителите на локално ниво, станува претседател на месната заедница во Ново Село, а е основач на една од првите земјоделски кооперативи во целиот Североисточен плански регион. 

Земјоделството му е традиционална определба и наследство, а се повеќе вложува и во развојот на сопствените лидерски вештини и капацитети, па како активен чинител преку граѓанскиот сектор се заложува за понатамошно здружување и окрупнување во земјоделскиот сектор, насочување кон руралниот развој со земјоделски производи со додадена вредност, зголемување на нивната конкуреност, но и на конкурентноста и промоцијата на руралните средини. Од тие причини одлучува да се вклучи во работата и активно да придонесе со својата стручност и капацитет, но и препознатливост на терен како вистински, чесен и вреден земјоделец кон развојот на Рурална Коалиција најпрво како регионален координатор, а од 05.03.2019 година и како член на Управниот одбор на организацијата.

Весна Јаневска, вистински мајстор за традиционални специјалитети, жена која зрачи со креативност и интелигенција. Храбра и Неуморна, сигурна во себе, исполента со духовитост.

Жена со силни вредности и верувања која знае секогаш да го покаже балансот меѓу логичкото размислување и следењето на нејзиното срце. Жена земјоделка која е вистински пример за останатите. Претставува позитивен пример во цел Росоман, но и пошироко, членка е на групацијата Slow food, неуморна производителка и пропагатор на традиционалното производство е надалеку позната по производството на единствените “речели” кои што сака и да ги брендира како локално заштитено производство. Им помага на блиските, соседите, соселаните во одржувањето на земјоделското производство, а секогаш може да ја најдете на препознатливиот пазар во Росоман. Основач и претседателка на локалното здружение Вредни росомански раце, сака да придонесе колку што може повеќе во еманципацијата и социјалната и економска инклузија на руралната жена и да ги доведе до степен на активно учество во процесот на донесување на одлуки на локално, па и на национално ниво. Поради таа нејзина желба за активен придонес за вклучување на родовите аспекти во земјоделството и руралниот развој, Весна е лидерка на Руралното Женско Лоби кое што како неформална група функционира во рамките на Рурална Коалиција, а од март 2019 година и член на Управниот одбор.

Елеонора Велјаноска – Пероска, уште од младите години вклучена во процесите на вмрежување и инклузија на младите земјоделци и младите од руралните средини. Како млад агроном ја гледа потребата од здружување на младите земјоделци и здружено делување и вклучување во процесите на креирање и донесување на политики и одлуки како на локално ниво, така и на национално.

Од далечната 2005 кога започнува да делува во секторот па се до денес младите земјоделци постигнаа многу, па голем број на мерки, активности, процеси се токму насочени кон нив и нивната економска независност, но и социјална инклузија во општеството. Согледувајќи ги бенефитите од заедничкото и здружено делување, Елеонора станува една од основачите на Мрежата на млади фармери, чија мисија и главна задача е токму тоа – поголемо вклучување на младите од руралните средини во донесувањето на одлуки и законски регулативи со цел младите да имаат доволно капацитети да одговорат на предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење. Бидејќи ја препознава вредноста, но и моќта и силата на здружувањето со своето здружение се приклучува кон Рурална Коалиција со која што зад себе има веќе два успешно реализирани проекти, а бидејќи Рурална Коалиција за еден од стратешките приоритети ги има токму младите, Елеонора од 05.03.2019 година станува член на Управниот одбор на Коалицијата.