Подобрена информираност за законски измени во земjоделството и руралниот развоj

Со цел што подобра и навремена информираност на земjоделците, како и воопшто на сите чинители во секторот земjоделство и рурален развоj, Рурална Коалициjа воведува уште една активност во рамките на своето работење, а тоа е редовно информирање за законските и подзаконски акти кои што се донесуваат во секторот, а се од интерес за земjоделците, како и за оние кои што делуваат кон унапредување на руралниот развоj и туризам. Денес започнуваме со последните две измени кои што беа донесени на последните собраниски седници во текот на месец jули, а се однесуваат на следново:

👉 измени на законот за земjоделство и рурален развоj со кои што поради огромните финансиски импликации од Буџетот на државата за изминатите неколку години (како што е наведено во образложението на предлог – законот) се укинува целосно членот 99, што пак значи дека по стапувањето во сила на измените на овоj закон штетите предизвикани во земjоделството од природни или климатски непогоди нема повеќе да се исплаќаат според Законот за земjоделство и рурален развоj, туку истите ќе се проценуваат и исплаќаат согласно Законот за заштита и спасување каде што обештетувањето генерално не достигнува повеќе од 30%; Подетално за измените на законот може да се информирате на следниов линк каде што го имате целосното образложение за потребата од донесувањето на ваквите измени: file:///C:/Users/computer/Downloads/predlog-zakon_za_izmenuvanje_na_zakonot_za_zemjodelstvo_i_ruralen_razvoj,_po_skratena_postapka.pdf

👉 измени и дополнувања на законот за основање на Агенциjата за финансиска поддршка во земjоделството и руралниот развоj каде што во голем дел се врши усогласување со директивите на ЕУ кога станува збор за користењето на средствата преку ИПАРД програмата, при што наjзначаjните измени се однесуваат на следниве неколку потточки, а на кои што ќе треба особено да обрнат внимание идните апликанти за користење на средства од ИПАРД:

  • барањата кои што се поднесуваат за користење на финансиска поддршка преку ИПАРД програмата доколку се поднесат некомплетни веднаш ќе се одбиваат како неосновани, односно се укинува рокот од 8 дена за поднесување на дополнувања на веќе поднесената документациjа. Ова е директно поврзано со барањата на Европската Комисиjа и ИПАРД програмата за периодот 2014-2020.
  • Од друга страна, пак, ваквиот рок продолжува да постои кога станува збор за дополнувања на поднесената документациjа за користење на средства од националната Програма за рурален развоj;
  • Рокот за исплата пак од страна на Платежната Агенциjа по поднесување на барањето за исплата се продолжува од 3 на 6 месеци, што исто така е усогласување согласно Секторската спогодба за управување и спроведување на финансиската помош на Унијата според Инструментот на претпристапна помош во политиката за земјоделство и рурален развој (ИПАРД). Исто така се утврдува и нов став за намалување на финансиската поддршка поради повреда на договорни обврски од помал обем како и начин, постапка и услови за раскинување на договорот, што досега како одредби ги немаше;
  • Понатаму, точно се утврдува во измените за колку, како и по коj основ ќе се врши намалување на финансиската поддршка за што детално може да информирате во членот 21 од законот или на следниов линк: file:///C:/Users/computer/Downloads/23_mzshv_zakon_tekst_posleden_dilje.pdf
  • Исто така она што произлегува како обврска наметната од страна на Европската Комисиjа е jавно обjавување интернет страницата на корисниците на средства од ИПАРД програмата на секои 6 месеци и тоа по име, локациjа, висина на исплатени средства, како и по природата и целта на доделениот договор;
  • двоjно се зголемуваат и глобите за правните лица кои што нема да ги вратат доделените средства доколку се утврди дека ги користат на недозволен начин и тоа за мало трговско друштво од 1.000 на 2.000 евра и за големо од 3.000 до 6.000 евра, како и глоба за одговорното лице во износ од 300-500 евра, додека пак за физичките лица глобата се намалува од 500-750 на 150-250 евра.

Со ваквите законски измени ќе се исполнат и дел од предусловите за акредитација и реализација на нова мерка во рамки на ИПАРД Програмата – „Инвестиции во јавна рурална инфраструктура“.