Пазарната економија во Р. Македонија функционира

Пазарната економија во Р. Македонија функционира од моментот на нејзиното осамостојување или активно веќе дваесети пет години. Меѓутоа, прашање е колку земјоделецот се прилагодува или пак ги следи трендовите кои ги наметнува пазарот на понудата и побарувачката? Сведоци сме на постојаното намалување на евидентираните семејни земјоделски стопанства кои што аплицираат за субвенции кои што ако во почетните години 2007 – 2008 беа близу 192.000, во 2016 година тој број изнесува 89.000, понатаму старата механизација и технологија која што се користи ниту од далеку не може да ги задоволи барањата на конкурентниот пазар, количините на производство се премали за да бидат конкурентни, а земјиштето расцепкано и неконсолидирано.
Едно од решенијата кои што воопшто се практикуваат во светот и чии што ефекти се особено видливи во Франција и Италија е здружувањето на земјоделците во земјоделски задруги, меѓутоа задругарството во Македонија, па и воопшто во регионот, освен во Словенија, некако тешко функционира и покрај бројните обиди и мерки за поддршка на истото преку бројни донаторски програми, но и бројни мерки предвидени во националните програми за развој на земјоделството и руралниот развој. Зошто тоа е така, ако може да се каже дека се создадени сите предуслови за развој на оваа форма на економско здружување на земјоделците која што обезбедува пониски трошоци за производство, подобра конкурентна цена на пазарите, поголем профит, пониски цени на репроматеријалите, е прашањето на кое што треба да се пронајде вистинскиот одговор, но и решение како би се надминала еднаш засекогаш задругарската летаргија.
Република Македонија има нов закон за задруги донесен во 2013 година кои што во голем дел ги олеснува условите за здружување, при што се здружува само призводството, но не и земјиштето за да се надмине ефектот на негативни последици од задругите од претходното уредување на Р. Македонија, иако малку, сепак има задруги кои што можат да се пофалат со своето успешно работење, па нивното позитивно искуство треба да биде перцепирано од страна на што е можно поголем број на земјоделци, да се вложат повеќе ресурси и напори во институционално одржување на задругите, како и јакнење на свеста кај земјоделците дека само здружени и со заеднички напори може да имаат подобар, поконкурентен пласман на сопственото производство, подобра позиција во преговорите за цена, но и унапредување на состојбите во целосниот вредносен синџир во земјоделското делување производители-откупни центри-крајни потрошувачи. Тоа е единствениот начин “Никој да не биде изоставен“ согласно овогодинешниот слоган со кој се одбележува денот на кооперативите, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција. Дополнителен предизвик во целата оваа приказна со земјоделските задруги е вклучувањето и на жените и младите во органите и секојдневното функционирање на овие економско-профитабилни форми, дополнува таа.
Меѓународниот ден на кооперативите се слави под покровителство на ОН од 1992 година, секоја прва сабота во јули, а за Рурална коалиција како организација која делува во земјоделството и руралниот развој, задругите и јакнењето на нивните капацитети претставува еден од стратешките приоритети на кои што ќе работи интензивно во следниот 3-годишен период.