Коментари на предлог – програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2019 година

Куманово, 18.12.2018

 

До:  Одделение за соработка со невладини организации во Генерален секретаријат

 

Предмет: Коментари на предлог – програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2019 година

 

Почитувани,

 

Рурална Коалиција, како организација која што делува во секторот земјоделство и рурален развој од 2013 година и е чадор организација на 31 здружение, најпрво ја поздравува иницијативата за издвојување на средства за поддршка на граѓанските организации со оглед на тоа што во 2017 и 2018 година немаше воопшто издвоено средства од буџетот за таа намена, меѓутоа ги доставува следниве забелешки во однос на истата, кои што се структурирани во два дела, првиот се однесува на генерални забелешки во однос на програмата и нејзината усогласеност со Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор 2018-2020, а вториот дел се однесува конкретно на секторот земјоделство и рурален развој, односно областа во која што делува организацијата:

 

  • Најпрво, во однос на почитување на основните принципи кои што се наведени и во рамките на самата Стратегија за соработка со граѓанските организации, а не се испочитувани при изготвувањето на самата предлог програма за финансирање, а тоа се:
  • Партнерство, пред се кое што како принципи вели дека “успешна соработка претпоставува партнерски однос и поделба на задачите со цел поефикасно остварување на интересите на граѓаните“. Во овој случај при изготвувањето на овој документ целосно изостанува почитувањето на овој принцип, затоа што истата е донесена еднострано, согласно стратешките приоритети на Владата кои што повторно не се искомуницирани со граѓанскиот сектор. И уште еден принцип директно изостанува во овој процес а тоа е учество затоа што програмата е донесена без било какво претходно учество на граѓанските организаци ниту пак истата се заоснова на некакво претходно мапирање на потребите на граѓанските организации по сектори;
  • Областите или темите за кои што е предвидено финансирање се дадени премногу општо и генерално, дури во одредени сегменти конфузно и нејасно, па се остава на самите граѓански организации да толкуваат дали и каде може да се пронајдат со активности согласно областа во која делуваат. Уште поголема конфузија се создава кај конкретните активности, односно што тие значат и што се е опфатено во нив;
  • И во поглед на активностите нема речиси никаква директна поврзаност со она што е предвидено во акцискиот план за имплементација на стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор, а што како активности се предвидени за 2019 година, како на пример, особено делот на анализа на законската регулатива за потребите од изменување на законот за здруженија и фондации каде што дури за 2018 година има дел и за утврдување на модел за утврдување на условите за распределба и користење на средствата од Буџетот на РМ (Активност 1.2.), односно не е извршено никакво мапирање или пак консултативни средби за да се разгледаат овие прашања и од тука да се извлечат приоритетите и на граѓанските организации, па на таков начин потоа истите да се поврзат со стратешките приоритети на Владата за 2019 година;
  • Исто така за 2019 година во рамките на Стратегијата (активност 6.1.) предвидена е и анализа за воспоставување на единствен фонд за институционален развој на граѓанските организации, кој што во никој случај не бил земен во предвид од страна на Владата бидејќи се доделуваат 12.000.000 денари во вид на грантови со максимална висина од 300.000 денари по грант или организација што во никој случај не значи никаков институционален развој на било која организација туку ваквите средства исклучиво може да се искористат за реализација на мали активности кои што и нема да направат некои големи и видливи промени во општеството;
  • Понатаму, конкретно ако говориме за темата Република Македонија – членка на ЕУ и НАТО стојат само две широко и генерално наведени подтеми – и тоа промовирање на европските вредности и обезбедување на квалитетна животна средина што како тема и не припаѓа можеби во овој дел туку повеќе би насшла место во делот на зголемување на животниот стандард и квалитетот на живот или пак дури и со внесување на посебна тема животна средина која што би ги опфатила сите сегменти од оваа област. Наспроти тоа, повторно во рамките на Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор има излистани мерки и стратегии како треба точно да се обезбеди учеството на ГО во целокупниот процес на евро-атланската интеграција на Македонија (активност 21.1 – Активно учество и консултации на ГО при подготовка на НПАА; активност 21.2 – Зајакнување на партнерството при утврдување на политики поврзани со ЕУ интеграција; 22.1 – Постојано информирање на ГО за програмирањето и следењето на искористеноста на фондовите за претпристапна помош; 22.2 – Вклучување на ГО во програмирањето на средствата итн.), односно ваквите активности може да ја дадат конкретната насока која би водела кон уште поконкретни активности за постигнување и на целите од стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор, но и директен придонес кон стратешките приоритети на Владата;
  • Кај социјалното претприемништво исто така, во програмата е премногу општо и генерално, а во рамките на стратегијата постојат и конкретни активности и чекори како може и треба тоа да се постигне (Мерка 25 – Создавање на поттикнувачко правно окружување за социјално претприемништво) каде што дури и конкретно се споменува поддршка на ГО за основање на социјални претпријатија, како и поддршка за обезбедување на социјални услуги од страна на ГО, јакнење на нивните капацитети во оваа насока итн.  
  • Во акцискиот план исто така има активност 14.1 која што се однесува на организирање на отворени денови за иницијативи на граѓанските организации, па прашањето е дали вакви отворени денови се одржани и доколку ДА, дали иницијативите предложени од граѓанските организации се вметнати во стратешките приоритети на Владата? Доколку пак, немало досега активности во овој дел истите треба да се воспостават како редовна пракса и дел од иницијативите кои што ќе бидат издржани да влегуваат во стратешките приоритети на Владата во делот за соработка со граѓанските организации. Само на ваков начин ќе има развој на партнерска соработка и заеднички придонес на двете страни во унапредување на состојбата на граѓанското општество во целина;
  • Волонтерството и граѓанскиот ангажман исто така се споменуваат како активности, односно цела мерка 29 е посветена на овој дел и тоа предвидена за реализација и работа во 2019 година, а во програмата за финансирање нема ниту збор за волонтерството;
  • Последниот коментар во генералниот дел се однесува на висината на средствата кои што се предвидени, а кои што се под секој минимум иако се зема во предвид и фактот дека во последните две години финансирање на ГО немаше воопшто со ниту еден денар на средства директно од Буџетот на Владата. Но, и во Владата се свесни дека промена во системот на финансирање мора да има и такви беа претходните заложби пред да се воспостави оваа Влада, а сега тие сегменти како воопшто да се заборавени. Освен што сумата е премала, истата е поделена на премногу грантови кои што во никој случај нема да доведат до јакнење на граѓанското општество. Потребата од институционална поддршка и поддршка на ГО во делот на кофинансирањето на ЕУ проектите е повеќе од неопходна, па токму кон овој дел треба да биде насочена и поддршката на државата бидејќи странски донатори се се помалку, а државата односно Владата е таа која што понатаму треба да го јакне граѓанското општество онаму каде што ќе се јави потреба за тоа.

 

Вториот дел од коментарите на програмата, пак конкретно се однесуваат на приоритетите, односно еден е приоритет кој што конкретно се однесува на областа земјоделство, при што се забележува уште од старт дека руралниот развој воопшто и не се споменува во програмата иако областа генерално се води како земјоделство и рурален развој. Приоритетот – Надминување на традиционалниот пристап во земјоделството и унапредување на најновите технологии со зголемен трансфер на знаење во земјоделството, речиси и да не кажува ништо и многу е тешко да се утврди што од активности влегува во овој приоритет или мерка – кои се тие технологии, на што се однесува надминување на традиционалниот пристап во земјоделството, трансфер на знаења во кој дел – во производство, во примена на нови методи (кои што не секогаш значат и технологија), во јакнење на капацитетите на здруженијата, на индивидуалните земјоделци или како??? А во одредени сегменти и баш обратно се работи, односно на зачувување и промоција на традиционалното производство, така да мерката дефинирана како таква воопшто не дава насока во ниту еден поглед. Во приоритетите во одлуката на Владата стои и дел за зголемување на земјоделските површини и на приносот и квалитетот на земјоделските производи што според Рурална Коалиција и нејзините членки, доколку други измени нема, потребно е и оваа мерка да биде вклучена во програмата за финансирање затоа што во моментов еден од поголемите зафати и проекти кои што се работат на терен се посветени токму на окрупнување на земјоделските површини и како да се подобри и унапреди квалитетот, па и квантитетот на земјоделските производи како би биле конкурентни истите на европските пазари, и тоа ќе биде еден од основните приоритети на кои што ќе се работи наредните години.

Понатаму, воопшто нема никаков дел ниту активност за рурален развој, а секоја година Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објавува програма за рурален развој со која што се финансираат инвестиции токму во овој дел, а голем број од здруженијата работат на полето на рурален и одржлив развој, па добро е да има и мерка која што ќе го опфаќа руралниот развој, како и руралниот туризам како два значајни сегменти во областа. Диверзификацијата и развојот на економијата во руралните средини е исто така мерка која што треба да ја има во програмата за финансирање, потоа промоцијата на здружувањето во секторот, како и економските форми на здружување, односно кооперативите, прилагодување на земјоделството и руралниот развој кон ЕУ стандардите итн.

 

Генерални Препораки:

 

  • Да се зголеми сумата за финансирање на активностите на здруженијата, а доколку тоа не е можно за оваа година тогаш да се има во предвид за наредните години. За оваа година доколку сумата останува иста тогаш да се намали бројот на грантови кои што се доделуваат и да се насотјува со помалку грантови (максимум 10) да се покријат сите области со тоа што на една организација ќе и се дадат поголеми средства за да може нешто да постигне во областа, а еден од критериумите во повикот да биде, активностите кои што ќе се финансираат да се дел од програмата на самото здружение;
  • Секоја наредна година граѓанското општество навремено да се вклучува во процесите на планирање и распределување на средствата од Буџетот на РМ наменети за невладините организации, односно првите консултативни средби да се одржуваат уште во август- септември за да не бидат организациите ставени пред свршен чин, како што тоа беше оваа година. Да се мапираат и идентификуваат навремено потребите на организациите;
  • Скалесто да се зголемува износот на средства кои што ќе се издвојуваат за финансирање на програмските активности на здруженијата по области и да се воспостави моделот за транспарентно финансирање на граѓаснките организации кој што го има во Стратегијата за соработка со ГО, при што и да се воспостави редовен фонд за институционална поддршка на ГО, како и за ко-финансирање на европските проекти на кои што работат организациите.
  • Поддршката да биде различна по обем и средства во зависност од големината и капацитетите на ГО, на пример да има грантови до 5.000 евра за помали организации, но и такви од 10.000 до 15.000 евра во зависност од областа и активностите во кои што делува организацијата;
  • При секое програмирање на средства за поддршка на ГО да се има во предвид и Стратегијата за соработка со ГО и нејзиниот акциски план, што е официјален документ и на Владата на РМ, а се со цел да се практикуваат принципите наведени во самата стратегија, а со кои што се согласува и Владата со самиот факт што е истата усвоена како таква;
  • Доколку понатаму има простор или можност за измени, Рурална Коалиција ќе ги определи точно и обласите во кои што е неопходно финансирањето иако дел од нив веќе ги напомена и во вториот дел од овој извештај. Ако нема можност за никакви други измени тогаш неопходно е да влезе како приоритет за финансирање и зголемувањето на земјоделските површини и подобрување на квалитетот на земјоделските производи кое што е дел од одлуката за стратеки приоритети на Владата, е не вметнато во Програмата како предлог за финансирање. Руралниот развој, руралниот туризам и диверзификацијата како и развој на економските активности се иста така начелни сегменти или области кои што во секој случај треба да влезат како дел од обласите за финансирање во рамките на програмата, ако не е можно за оваа година тогаш за наредните нужно треба да се имаат во предвид.
  • Секоја област или активност која што ќе влезе во програмата за финансирање да биде јасно и недвосмислено дефинирана и во секој случај во согласност со Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор.
  • Исто така, Рурална Коалиција, чиј што претставник е член и во Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, го поддржува предлог мислењето кое што Советот го утврди на последната седница одржана на 11.12.2018 година.

 

 

За секој дополнителна информација, тимот на Рурална Коалиција Ви стои на располагање.

 

Со почит,

Рурална Коалиција

Лилјана Јоноски

Извршен директор

E-mail: liljana.jonoski@gmail.com

Тел: 078/303-735