“Двојката“ дадена од земјоделците за Министерството за земјоделство поправена во јака “четворка“ во делот на транспарентноста и отчетноста

Земјоделците не се задоволни од работата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), а критиките особено се однесуваат на нефункционалноста на работните тела кои треба да го обезбедат учеството на земјоделците во креирањето и спроведувањето политики во оваа област, но и нивната информираност за работата и процесите кои што се случуваат во самата институција. Со ваквите критики во 2017 година Министерството заработи “двојка“ од над 400 земјоделци, со која што се сложуваат и најголемиот дел од вработените во самото Министерство.

Рурална коалиција, ја следеше работата на Министерството во текот на 2017, 2018 и 2019 година, а се со цел да утврди дали ќе се променат процесите во институцијата и истата дали ќе се отвори за земјоделците заради кои што и постои. Се анализираше бројот на јавни повици на Министерството, дистрибуцијата на информациите, понатаму колку информациите допираат до земјоделците, колкав е бројот на консултативните средби со граѓанскиот сектор, понатаму бројот на здруженија кои што користеле финансиска поддршка од Министерството, работата на потсекторските групи како најзначајно тело за вклучување на земјоделците во директните процеси на креирање и имплементација на политики во земјоделството и руралниот развој, при што резултатите се следни:

  • Објавени се за прв пат јавни повици за користење на средства за техничка поддршка на здруженијата, при што бројот на корисници на средства од оваа мерка од Програмата за рурален развој се зголемува од едни исти 17 здруженија кои што редовно ја користеле поддршката во затворен круг, на дури 40 здруженијна за 2018 година и дури над 50 апликации за 2019 година чие што рангирање и одобрување е сеуште во тек;
  • Преку јавен повик (што никогаш претходно не било случај) се формираа потсекторските групи во сите потсектори во земјоделството и руралниот развој и истите веќе активно функционираат. Во овој дел во иднина треба да се поработи на зголемување на транспарентноста или јавноста на работата на овие групи, односно објавување на записници, заклучоци од нивната работа, препознавање на членовите на групите на терен, како и изготвување на годишни програми за работа на овие тела;
  • Врз основа на притисокот на граѓанаскиот сектор како и самите земјоделци, Министерството ги објави извештаите за сработеното во периодот од 2013-2018 година, иако тука недостасуваат финансиските импликации, односно реализираните средства, меѓутоа сепак и овој дел е особен напредок со оглед на тоа што последниот јавно објавен извештај за работата на Министерството беше од 2012 година;
  • Препораките на Рурална Коалиција, но и на останатите здруженија во секторот во делот на измени и дополнувања на Програмата за рурален развој особено во делот на олеснување на критериумите и висината на поддршката за младите земјоделци беа исто така прифатени, а под притисок повторно на здруженијата овој пат вклучувајќи ги тука и женските здруженија се измени мерката 115 која што беше дискриминаторска во однос на жените кои што живеат во руралните средини, па истата сега ќе овозможи поддршка не само за одредени групи на жени туку за СИТЕ жени – претприемачи во руралнте средини;
  • Се зголеми бројот на социјални и економски партнери на Министерството, а од неодамна е основан и долго најавуваниот, но и нефункционален Совет за земјоделство и рурален развој кој што е законска обврска на Министерството, а не функционираше од 2012 година.

Ваквите показатели го прават и скокот во транспарентноста и отчетноста на Министерството за земјоделство, па истата од 64,3% во 2018 година, изнесува високи 87,5% во 2019 година според извештајот за активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации, што говори и за јаката “четворка“ која што овој пат ја заработи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во делот на транспарентоста и отчетноста во своето работење.

Рурална Коалиција ваквото мониторирање на работата на Министерството за земјоделство го започна рамките на „Граѓанска алијанса за транспарентност – набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“, на Фондацијата Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, а финансиран од Европската Унија, анализирајќи го при тоа периодот од 2013-2016 година, но поради значењето и важноста на темата, продолжи самостојно да го година мониторира работењето на оваа институција и во периодот 2017, 2018 и 2019 година, при што резултатите презентирани погоре се дел од тој мониторинг. Ова исто така претставува доказ дека е возможно граѓанскиот сектор да делува како коректив на власта, но само доколку од другата страна има доволно слух, но и волја и мотивација да се работи заедно на подобрување на состојбите во општеството, а во интерес на сите граѓани, а главниот предизвик за сите ќе биде како овој тренд да се задржи и да оди во нагорна линија.