Вклучувањето на сите локални чинители и директната соработка со граѓанскиот сектор се покажаа како клучни елементи при изработката на квалитетни стратешките документи на локалната самоуправа

Ова беше една од поентите кои што неколку пати беше нагласена во рамките на завршната локална конференција која што на 20 февруари се одржа во општина Старо Нагоричане. На локалната конференција беше презентирана Стратегијата за локален економски развој на општина Старо Нагоричане која што се работеше една година претходно вклучувајчи ги во процесот сите засегнати страни и локални чинители во рамките на општината.

„ Важноста на овој документ е од 2019 до 2023 година и искрено се надевам дека ќе ги исполниме очекувањата и потребите за развој во Општината. Изготвен е добар и квалитетен стратешки документ, којшто во целост ќе ги исполни поставените задачи на тимот на ЛЕР, кој беше специјално составен за оваа намена. Како што стои во документот ние ќе се фокусираме на развој на руралниот туризам и прекуграничната соработка, меѓутоа истовремено ќе работиме и на подобрување на патната и комунална инфраструктура, бидејќи тоа е предуслов за севкупниот развој на секоја општина“, – истакна градоначалничката на општината г-а Жаклина Јовановска.

 

Изработката на овој документ преку еден инклузивен процес и во блиска соработка со граѓанскиот сектор уште еднаш ја докажа неоходноста од заедничко делување на граѓаните и институциите, бидејќи доброто на локалната заедница е заеднички интерес кон кој што се стремиме сите ние. Особено тука би го истакнала и основниот предуслов кој што беше ставен и во самиот повик на кој што аплициравме за добивање на средства од страна на донаторот, а тоа беше да се воспостави соработка со општините на локално ниво и заедно со нив низ директна соработка да се работи на решавање и надминување на предизвиците со кои што се соочува локалното население, се надоврза извршната директорка на Рурална Коалиција, г-ата Лилјана Јоноски.

Со завршната конференција се заокружи и проектот “Локалната заедница и жителите заеднички ја креираат стратегијата за локален економски развој“,кој што е имплементиран во рамки на проектот “Граѓанските организации во служба на локалната демократија“, спроведен од АЛДА Скопје, Европско движење Македонија и Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавни претпријатија со финансиска поддршка на Европската унија преку ИПА 2 инструментот.